Балкан
14. March 2020 - 11:04

Од денеска стапуваат во сила новите мерки, Грците „остануваат дома“

Трговските центри, кафулињата, баровите, ноќните клубови, сите угостителски објекти, библиотеките, музеите и археолошките локалитети, спортските објекти, салоните за убавина, студијата за тетовирање, казината и обложувалниците, кината и театрите, луна паркови, борделите, од денеска ставаат клуч на врата во Грција во следните 14 дена со одлука на грчката Влада да ги заостри мерките и да спречи дополнително ширење на коронавирусот во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Вчерашните одлуки беа дополнителен „пакет мерки“ на веќе постоечките, меѓу кои затворените градинки, училишта, Универзитети, забраната за големи собири, откажаните концерти и спортски натпревари и слично за Грците и во пракса да го применат слоганот на Министерството за здравство „Остануваме дома“.

Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас вчера рече дека една од причините за новите мерки е непочитувањето на претходните.

Регуларно работат супермаркетите, продавниците за храна, достава на храна (delivery) и храна за носење (take away), пазарите, пекарите и слаткарниците, аптеките, хотелите, банките (со максимум пет лица во ред во секоја филијала),

За само 24 часа во Грција беа регистрирани 73 нови позитивни случаи на коронавирусот, со што вкупната бројка од 26 февруари 2020 до вчера се искачи на 190, а во земјата веќе има и една жртва.

Хоспитализирани се 47 пациенити, а пет лица се во сериозна состојба и поврзани на апарати.

Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ) упати апел до граѓаните „кои не припаѓаат на ранливите групи и имаат лесни симптоми на коронавирусот да не ги посетуваат државните болници за да се тестираат, бидејќи постои ризик од пренесување на болеста на ранливите групи“ и соопшти дека приоритет се дава на граѓаните кои имаат тешка респираторна болест и на постарите лица со хронични проблеми.

Најефективната мерка за ограничување на епидемијата е домашна изолација при појава на вирусни симптоми кај луѓето кои припаѓаат во ранливата група.

Треба да се нагласи дека оние кои имаат благи симптоми или кои бараат општи информации за новиот коронавирус не треба да се јават во ЕОДИ, туку да се консултираат со нивниот матичен лекар, соопштија од организацијата за јавно здравје на Грција.

Паралелно, вчера, поради држење приватни часови и дополнителна настава за учениците, и покрај владините мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, беа уапсени пет лица во три различни случаи.