Македонија
18. October 2021 - 14:19

Обвинителството отвори предмети за нерегуларности на изборниот ден

Кинење на гласачки ливчиња, организиран превоз на гласачи, агитирање пред гласачко место се дел од кривичните дела за кои Јавното обвинителство отвори предмети за изборни нерегуларности за време на изборниот ден.

Според соопштението на обвинителството, најмногу изборни нерелугарности се евидентирани во Кочани. Се организирал превоз на гласачи до избирачко место, се влијаелои  за кого да го дадат гласот. Кривична пријава заработи носител на советничка листа – непосредно пред гласачко место поткупувала избирачи.

„Во кочанското обвинителство е оформен предмет по поднесена кривична пријава во која се наведува дека носителка на советничка листа на политичка партија, заедно со уште едно лице се движеле со возило и на избирачко место во Кочани вршеле поткуп на гласачи. Постапката против осомничените се води за сторено кривично дело „Поткуп при изобри и гласање“, се вели во известувањето на Јавното обвинителство.

Жител на Скопје ќе одговара за уништвање на гласачко ливче. Во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу, лице при остварување право на глас, од четири ливчиња само едно ставил во гласачка кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање, велат од обвинителството. Осомничениот веднаш бил приведен, а му била поднесена и кривична пријава.

Сличен инцидент е регистриран и во Демир Капија. Таму гласач првин го искинал едното гласачко ливче, а со другото заминал од избирачкото место.

Во Гостивар пак, избирач додека бил зад параванот го сликал своето гласачко ливче, за што се соочува до кривична пријава за Повреда на тајноста на гласањето.

Од обвинителството наведуваат дека во предизборната кампања биле регистрирани уште низа нерегуларности за кои се водат истраги. Кандидат за градоначалник во Тетово, вршел поткуп со бекатон плочки, се барале и лицата кои пукале за време на митинг во Скопје. 

Обвинителството во Свети Николе отворило постапки за петмина кои вршеле поткуп во Лозово. Гласот за независен кандидат, се плаќал 3 илјади денари.

„Настано се случил на 15 октомври во општина Лозово, кога осомничениот бил забележан како дава пари на граѓани за да гласаат за независен кандидат. Со потврда одземена е документацијата и паричните средства кај осомничениот. По даден насоки на обвинителството, полициските службенци прибираат известувања од лицата кои ги примиле паричните средства во висина од по 3.000 денари“, се наведува во известувањето на Јавното обвинителство.

 

Зоран Јаневски