Македонија
14. March 2018 - 9:13

Обвинетите за масакрот кај Смилковци денеска на судење

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година.
 
На минатото рочиште од повторното судење за овој предмет, што се одржа на 12 февруари, беше прочитан обвинителниот акт. Обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам.
 
Тој прочита само едно од обвиненијата за случајот. Адвокатот Насер Рауфи забележа дека било прочитано првичното обвинение од 26 октомври 2012 година, но не и тоа за Сами Љута кое во претходниот судски процес беше споено со обвинителниот акт за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири.
 
По забелешката на адвокатот, новиот Судечки совет составен од судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани, го прекина рочиштето и продолжението на судењето го закажа за денеска. На обвинителна клупа на минатото рочиште беа четворица обвинети, додека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои има меѓународни потерници со години се во бегство во Косово.