Македонија
10. November 2016 - 15:25

Објавен повик за проект за изградба на нов објект на гимназијата „Кочо Рацин“

Гимназијата „Кочо Рацин“ во скопската населба Ѓорче Петров ќе добие нова зграда која ќе ги замени старите дотраени бараки во кои неколку децении се изведува настава. 

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски соопшти дека денеска е објавен јавен повик за изработка на проект и треба да се избере фирма до 2 декември кога ќе бидат отворени понудите. Потоа ќе се распише тендер за избор на фирма која ќе го гради новиот објект на средното училиште. 

- Станува збор за капитална инвестиција за која во моментов не можам да прејудицирам колкав ќе биде износот на средства, бидејќи следуваат аукциите и целиот процес на јавни набавки. Меѓутоа, од огромно значење е тоа што по неколку децении, на големо барање на месното население, Општината Ѓорче Петров и Градот Скопје ќе добијат комплетно ново средно училиште на местото на сегашното „Кочо Рацин“, изјави Ристовски по потпишување Меморандум за соработка на ВМРО-ДПМНЕ со три синдикати и со Сојузот на здруженија на пензионери.