Македонија
5. јуни 2016 - 15:23

Нуркачи го чистеа Тиквешко Езеро, а екологисти брегот

Нуркачи денеска го чистеа Тиквешкото Езеро, а екологисти собираа отпад покрај брегот во рамки на пролетната акција од кампањата „Македонија без отпад“. Организатори се Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Агенцијата за млади и спорт, општините со Јавните комунални претпријатија  и невладиниот сектор. 

- Колку акции и да има тука, секогаш се недоволни поради несовесните кои оставаат отпад зад себе. Основната цел на оваа акција е не да се исчисти целото езеро, туку да се упати апел до сите оние кои се рекреираат крај езерото да бидат претпазливи и зад себе да не оставаат отпад бидејќи во убавините на езерото треба да уживаат и идните генерации, нагласи градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.

Претседателот на регионалното еколошко друштво „Еко живот“ кое работи во рамки на Дижењето на екологистите на Македонија, Роберто Паризов информира дека во акцијата учествуваат триесетина нивни членови, активисти и волонтери. 

- Редовно, веќе неколку години го одбележуваме овој ден со вакви акции. Најчесто тргет места ни се бреговите на езерото и реките во нашиот регион. Работиме на терен, но и едуцираме, со цел зголемување на еколошката свест. Пораката која ја упатуваме е сите совесно да се однесуваме кон природта, нагласи Паризов. 

Претседателот на спелео нуркачкиот клуб „Врело“ Киро Ангелески истакна дека редовно учествуваат во вакви акции и додаде оти лани имале десетина вакви акции на езерата во Република Македонија. Тој информира дека дејствуваат заедно со другите вакви клубови од Македонија, а тие ја имаат улогата на предводник. 

- Целта е да се прати порака до јавноста дека сите треба да се грижиме за животната средина. Присутни сме под вода и забележуваме што се има таму. Секогаш сме спремни за вакви акции. Како и кај другите езера и денеска очекуваме пластика, гуми, делови од кујнска опрема како шпорети, бела техника и слично. Се што ќе забележиме, ќе извадиме, нагласи Ангелески. 

Нуркачот Јованче Динев-Јоска нагласи дека секогаш се подготвени за нови предизвици. 

- Езерото се карактеризира со многу мала видливост во водата. За пет години имаме извадено тројца давеници, рече Динев. 

На терен беа присутни и претставници на еколошкото друштво „Тисовец“ од Возарци.