Македонија
9. јуни 2021 - 9:52

НУК: Владата дополнително оштети и нанесе неправда на повеќе од 4.000 угостителски објекти

Независната угостителска комора реагира дека со вчерашната одлука на Владата се извисени повеќе од 4.000 угостителски објкти со над 10.000 вработени. Според НУК, Владата одлучила да исплати нешто повеќе од половина од ветената помош во висина од 5,77 милиони евра на само 2.204 угостители од скоро 6.500 компании од угостителската дејност.

„И покрај укажувањата од страна на НУК за неправилноста и нелогичноста на јавниот повик за ветена и најавена финансиска помош со 6-ти сет мерки, со вчерашната одлука на Влада, две третини од угостителските објекти добија дефинитивно ладен туш и останаа со празни сметки од очекуваната неповратна финансиска помоши и поддршка за надомест на штетите и загубите кои ги имаа поради забраната да работат со гости од 6. до 27. април 2021 година“, се наведува во реакцијата.

Од НУК прашуваат зошто Владата најавила и ветила 9.9 милиони евра за 6.000 угостители и 17.000 вработени, а создала услови и критериуми од кои ќе исплати на една третина нешто повеќе од половина од ветената помош.

„Која е целта на Владата да се попишмани за најавите и ветувањата и со ваква одлука да им одземе повеќе од 4 милиони евра ветена помош на угостителите? Во чии џебови и сметки сега таа помош ќе биде пренасочена“, прашуваат од НУК.