Македонија
30. October 2018 - 10:25

Нови зелени површини во Куманово

Екипите на ЈП „Чистота и Зеленило“ интензивно работат на засадување нови зимзелени, листопадни садници и грмушки на повеќе локации во Куманово, информираа денеска надлежните од претпријатието.

Во периодов се уредуваат нови зелени површини на улицата „11 Октомври“ и на булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“.

– Интенција е во наредниот период да се создадат нови зелени повшрини, но и да се обноват и постоечките со дополнително уредување или адаптирање, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.

Во наредниот период екипите на секторот „Зеленило“ ќе работат на доуредување на зеленилото долж булеварите „Трета Македонска Ударна Бригада“ и „Октомвриска револуција“. За да може да се наводнуваат, претпријатието ќе спроведе јавна постапка за избор на компанија за бушотини која ќе треба да го обезбеди наводнувањето на новите зелени површини, на улицата „11 Октомври“, на средината на „Трета МУБ“, на локалитетот, Спомен Костурницата, кај Проевце на излез од градот.

Претпријатието засега има сопствени бушотини на двата плоштади, градскиот кеј и Соколана.

– Во моментов работиме на обезбедување дозволи, изјави Стојчевски.

Ново зеленило ќе се поставува и во населбите, долж новоизградените тротоари на улиците „100“ во населбата „Карпош“ и на улицата „Тоде Мендол“.