Македонија
3. October 2017 - 21:45

Нови случаи на морбили кај деца

Уште три деца на возраст од 7 месеци до 6 години заболеле од морбили. Со осип по телото и висока температура биле примени на Инфективната клиника. И новите случаи лабораториски се потврдени во Институтот за јавно здравје. И тие се од реонот на Маџари, не биле вакцинирани и имале контакти со претходно заболените. Досега со мали сипаници заразени се вкупно 11 лица.

-Со што вкупниот број е шест хоспитализирани лица, а од минатиот месец досега вкупниот број заболени изнесува 11, изјави д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

По прогласувањето на епидемија на територијата на Гази Баба здравствените власти наложија масовна вакцинација за да се спречи ширење на заразата.

- По дознавањето за сите овие случаи екипи од Центарот за јавно здравје и од Институтот за јавно здравје беа на терен и извршија масовна вакцинација на сите лица кои подлежат, а кои не биле вакцинирани во изминатиот период. Во Скопје и во Република Македонија вкупно се вакцинирани 1.932 случаи, од кои 1.352 се само во Скопје во изминатата недела. Тоа се лица кои не биле вакцинирани, а се со активно пребарување најдени на територијата и се вакцинирани, истакна Караџовски.

Епидемиолозите на терен пребаруваат и со кого се имале контакти заболените кои немале постојано место на живеење.

Материјали од веќе потврдените случаи  ќе се испратат во лабораторија во Луксембург за да се утврди дали и во Македонија е истиот вирус на морбили како и во околните земји.