Македонија
29. January 2019 - 16:32

Нови случаи на морбили

Едноипол месечно бебе од Чаир е најмладиот пациент заразен со морбили. Случајот вчера бил пријавен во скопскиот центар за јавно здравје. А детето е на домашно лекување. Епидемиолозите се сомневаат дека малите сипаници му ги пренеле братчето или сестричката. Инаку шест новозаразени со морбили вчера биле прегледани на Инфективна. Од нив три деца од Ѓорче Петров и Гази Баба задржани се на болничко лекување. Не биле вакцинирани и не оделе во градинка. Во моментот на Клиниката хоспитализирани се 27 пациенти на возраст од 7 месеци до 43 години. Засега никој не е во животозагрозувачка состојба.

- Во моментот немаме таков пациент кој е на апарати за дишење, но ќе видиме што ќе донесе понатамошниот тек на епидемијата, затоа е потребно луѓето да се вакцинираат, изјави д-р Сања Петрушевска Маринковиќ, Клиника за инфективни болести.

Според инфектолозите најчестата компликација од вирусот е бронхопневмонијата, но морбилите во ретки случаи предизвикуваат и воспаление на дишните патишта и мозокот.

- Покрај бронхопневмонија, покрај ларингитот, бронхиолитот, многу ретко се јавува и акутен енцефалит, изјави д-р Петрушевска Маринковиќ.

Од почетокот на епидемијата за неполн месец регистрирани се над 110 заболени од морбили. Случаи со мали сипаници освен во Скопје викендот беа пријавени и во Гевгелија и Велес.