Македонија
28. December 2015 - 16:39

Нови 24 дела од класичната музика ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за култура

Нови 24 дела од класичната музика ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за култура. Композиторите покажаа голем интерес за оваа стимулативна мерка и на вториот конкурс објавен на почетокот на годинава. До министерството пристигнале бројни апликации за композиции од 11 категории на дела од класична музика. Од оваа причина, министерката Елизабета Канческа-Милевска најави дека поддршката ќе продолжи и во иднина.

„На почетокот на следната година ќе биде објавен и новиот конкурс кој уверена сум дека повторно ќе го испровоцира вниманието и интересот на нашите автори кои уште еднаш, ќе потенцирам дека се наш врвен приоритет. Министерството за култура и во иднина останува доследно на заложбите да води максимална грижа за македонските музички автори, стимулативно да го поттикнува творештвото, да го помага градењето на уметничката кариера на македонските уметници и презентирањето на нивното творештвото во домашни и меѓународни рамки“ рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.  

Според авторите и дел од членовите на стручната комисија пак, со овој конкурс значително се збогатува македонската музичка култура со квалитетни дела, а особено позитивно влијае врз младите композитори и  новите музички генерации.

Преку четирите конкурсни рокови во изминативе две години се поддржаа вкупно 91 композиција на близу 40 македонски автори, за што министерството за култура издвои 10.4 милиони денари. Голем дел од овие композиции македонската публика имаше можност да ги слушне во рамки на концертите на Македонската филхармонија и манифестацијата „Денови на македонска музика“.