Македонија
22. January 2016 - 16:33

Нова оперативна метода на клиниката за гинекологија изведена од лекари едуцирани во странство

60 годишна пациента со тешка форма на вагинален карцином успешно била оперирана на Клиниката за гинекологија и акушерство.  Во интервенцијата учествувале и пластични хирурзи. Ова е прв ваков оперативен зафат во оваа установа  кој следува по едукацијата  на хирургот Игор Алуловски во Хамбург. Три месеци се обучувал за светските трендови во неговата област. Претходно бил на обука и во САД.

- Ова е онаа тимска работа. Пациентката имаше инвазивен карцином. Се работи за долготрајна операција каде беше неопходен радикален зафати сега еве после два месеци од интервенцијата, пациентката е добра и веќе беше на контрола, вели др. Игор Алуловски од Клиника за гинекологија и акушерство.

Алуловски на клиниката работи тимски со Сашо Стојчевски кој исто така го доусовршувал своето знаење во Хамбург. По нивното враќање направиле тешка и сложена операција кај пациентка која во исто време имала два карцинома. Искуството од странство им помогнало на хирурзите да бидат повешти во работењето но и да ги споредат искуствата со нивните колеги.

- Обновивме доста знаење, некои интервенции беа заборавени и сега сакаме пак да ги вратиме и веќе овие нови искуства ги применивме кај неколку пациентки, вели др. Сашо Стојчевски од Клиника за Гинекологија и акушерство  

И двајцата хирурзи по враќањето од Германија имаат желба за поголема примена на лапароскопската хирургија која во светски рамки ја користат кај 50 проценти од случаите.

И додека едните усшепно го применуваат тоа што го научиле во странство, годинава уште 1000 здравствени работници ќе заминат на едукација во над 50 странски болници со кои министерството има склучено договор за соработка.