Бизнис
12. December 2017 - 13:21

НЛБ Нов пензиски фонд продаден на „Сава Ре“

Пензиското друштво „НЛБ Нов пензиски фонд“ е продадено на групацијата „Сава Ре“ од Љубљана, која ги купи 100 отсто од акциите во овој пензиски фонд.

Договорот за купопродажба беше потпишан денеска во просториите на НЛБ Банка во Скопје, а конечното одобрение за оваа трансакција треба да го донесе Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Менаџментот на НЛБ Банка потенцира дека повлекувањето од сопственоста на НЛБ Новиот пензиски фонд не значи повлекување на банката од Македонија, туку напротив нивно поголемо фокусирање во банкарскиот сектор, а со продажбата на пензискиот фонд на осигурителната групација „Сава Ре“ бенефит ќе имаат и пензискиот фонд и неговите членови.

- Повлекувањето од сопственоста на НЛБ Нов пензиски фонд во никој случај не значи повлекување од Република Македонија. Ние сакаме да ги развиваме банкарските услуги во Македонија и да бидеме пионер во оредена фаза на дигитализација и да бидеме оние кои ќе носат висок квалитет на услугите, изјави денеска на прес-конференција Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ Љубљана.

Од групацијата „Сава Ре“ нагласија дека оваа трансакција за нив е една од поважните во поглед на нивното стратешко проширување и најавија дека и во иднина ќе го развиваат пензискиот фонд во Македонија.

- Бидејќи ова ни е стратешки продукт можам да кажам дека кога купуваме ваков продукт сакаме со децении да го развиваме и на тој начин уште долго ќе бидеме присутни на македонскиот пазар, истакна Марко Јазбец, претседател на Управниот одбор на групацијата „Сава Ре“.

Одлуката за продажба е донесена во март годинава. НЛБ Нов пензиски фонд е формиран во 2005 година. Станува збор за пензиско друштво кое управува со два пензиски фонда - задолжителен пензиски столб и доброволен пензиски столб. Двата столба располагаат со над 430 милиони евра.