Македонија
17. January 2018 - 9:43

Нимиц: Терминот „Македонија“ вклучен во предлогот за името

– Предлог решението за името ќе го вклучува терминот „Македонија“, изјави медијаторот на ОН Метју Нимиц пред денешната нова рунда разговори во Њујорк со преставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис.

– Терминот „Македонија“ ќе биде содржан во предлог решението за името бидејќи веќе го имаат признаено повеќе од 100 земји во светот, изјави Нимиц за грчката ТВ Антена. Посочи дека името со кое земјата е заведена во ОН е „поранешна југословенска република Македонија“, односно терминот Македонија е дел од името, а и Грција ја има признаено со тоа име.

Нимиц истакна дека нема волшебно решение за името, дека спорот трае предолго и оти натамошното одолговлекување би го направило проблемот уште потежок за решавање, пренесува МИА.

Се надева дека ќе се најде решение што ќе ги задоволи амбициите и на Атина и на Скопје. Вели дека во Грција доминира ставот оти по надминувањето на економската криза земјата треба да игра позначајна улога во регионот. Еден од начините за тоа е Грција да го реши проблемот со својот северен сосед, рече Нимиц.

Во Скопје, пак, како што наведе, доминира мислењето дека некои од идеите во минатото не биле задоволителни за нив, но оти е дојдено времето ова прашање да се реши и земјата да продолжи по својот европски е евроатлантски пат.