Македонија
17. November 2017 - 14:27

Николовски: За развојот на земјоделството клучно забрзувањето на евроинтеграцискиот процес

 

За развиено и конкурентно земјоделство клучна е улогата на владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес. Стратегиските цели на македонската Влада се токму членството во ЕУ и НАТО за што работиме на интензивна реформска агенда, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во денешното обраќање на 11. годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа (ЈИЕ) во Јахорина, БиХ.

Врз основа на усвоените закони од областа на земјоделството и руралниот развој, Република Македонија, додаде Николовски, континуирано работи на приближување на земјоделскиот сектор до европските регулативи.

- Во процесот на унапредување на земјоделството важна е размената на искуства меѓу земјите од ЈИЕ, а тоа е овозможено преку Постојаната работна група за регионален рурален развој на земјите од ЈИЕ. Македонија како и досега ќе биде конструктувен партнер во сите заеднички идни проекти, како дел од платформата за соработка со земјите од ЈИЕ, насочени кон олеснување на трговијата со земјоделски и прехранбени производи, истражување и развој, размена на добри практики за одржливо земјоделско производство и примена на нови технологии, рече Николовски.

Министерот истакна дека овој состанок е добра можност да се презентираат идните политики за унапредување на регионалната соработката во областа на земјоделскиот сектор меѓу земјите од Западен Балкан, како и политиките за забрзување на процесот на приближување на земјите кандидати и потенцијални кандидати од Југоисточна Европа кон ЕУ.

На состанокот обраќања имаа и министрите од другите земји од ЈИЕ, како и претставници на меѓународните организации кои потенцираа дека Западен Балкан ќе биде приоритет во пресрет на програмските планирања на Европската комисија и Обединетите нации во однос на развој на земјоделството, борбата против климатските промени и спречувањето на миграциите.

Министерскиот состанок го организира Владата на БиХ како земја претседавач со Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите од Југоисточна Европа. Годинава земја претседавач со Постојаната работна група е Босна и Херцеговина, а следната година претседавач ќе биде Македонија, и овој министерски останок ќе се одржи во Македонија.

Во рамки на 11. годишен работен состанок на министрите за земјоделство се планирани и билатерални средби меѓу министрите, но и средби со претставниците на меѓународните организации на кои е планирано да се разговара за идните чекори во делот на унапредување на трговската соработка, размената на искуства и реализацијата на проекти од областа на земјоделството