Македонија
17. July 2018 - 18:35

Невладините не се согласуваат ниту со променетата рута на гасоводот на Водно - бараат планината да не се чепка

Граѓанските здруженија и невладини организации реагираат на владината одлука трасата за магистралниот  Гасовод да се гради на Водно. Од здружението Еко Свест кои се дел од 20тината организации велат нема компромис, нема да дозволат уништување на природата бидејќи тоа не го сакаат граѓаните. Тие потенцираат дека земјиштето на Водно е порозно и не дозволуваат никакви градежни активности.

Во заедничкото соопштение пак здруженијата велат дека се разочарани што и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, Владата се уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатерална штета за спроведувањето на магистралниот гасовод.

– Го поздравуваме обидот за ублажување на импактот што го правеше првопроектираната траса низ Водно и обидите за нејзино менување, но тоа не ја менува суштината дека предвидената траса сè уште останува да води низ заштитено подрачје парк-шума Водно и ќе уништи не само потег од 2км (во најдобар случај, ако е можно) густа, децениски создавана шума, туку и живеалишта на голем број  видови, од кои некои ендемски и загрозени, се вели во нивното соопштение.

Од Владата пак и на оваа реакција одтговорија дека остануваат на ставот кој го искажа вицепремиерот Кочо Анѓушев кој по увид на трасата, рече се уверил дека критиките и барањата се делумно оправдани. Владата и МЕР прават максимални напори да започне изградбата на делницата, а доколку се пролонгира за дополнителни 2, 3 или 5 години, многу домаќинства ќе продолжат да ги загреваат домовите со дрва, што значи дека многу повеќе шума ќе се сече за оваа намена, отколку за изградбата на гасоводот изјави Анѓушев.

Против оваа одлука се здруженијата „Го сакам Водно" се граѓанските иницијативи и здруженија: „Го сакам Водно", „О2 коалиција", „Стоп на загадувањето", „Спас за Водно", „Зелено Тафталиџе", „Еко Карпош 3, 2, 1, ние сме Карпош", „ФРОНТ 21/42, „МТБ Оксижен", „I love hiking", „Гоу грин", „Грин Пауер", „Скопје смок аларм", „Билка", „Плоштад Слобода", „Еко свест" и „Сакаме Аеродром да дише".