Македонија
22. August 2019 - 19:03

Нема одлука за наследникот на Јанева

Обвинителството на Рускоска се уште го нема известено Советот на јавни обвинители за статусот на Катица јанева. Во текот на денешниот ден обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го подготвува целиот преглед на настаните и превземените дејствија. Најавите се дека најверојатно известувањето ќе биде испратено утре.

Претседателот на Советот на јавните обвинители во телефонски разговор вели дека неговата институција ќе постапи согласно она што е пропишано и во законот за јавно обвинителство и законот за СЈО.

„Според законските прописи Советот на јавни обвинители во овој момент не може да ја разреши Катица Јанева, но може да ја отпочне постапката за нејзно разрешување заради нестручно и несовесно работење. Постапката потоа ќе тече преку Собранието. Кога и под кои услови ќе се избира в.д. специјален обвинител ќе одлучуваме заедно со останатите членови на Советот на јавни обвинители на седница која ќе биде закажа откако писмено ќе бидеме известени за статусот на Јанева, вели Коле Штерјев.

Официјален став засега нема ниту СЈО. специјалниот обвинител Бубевски во разговор со новинарите утрово посочи дека постојат законски основи Советот на јавни обвинители да назначи привремен заменик на Јанева од редот на специјалните обвинители.

Сличен став вчера јавно изнесе и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Сепак последниот збор за начинот на избот на наследникот на Јанева ќе го има Советот на јавни обвинители. Без разлика на начинот на кој ќе се вршѓи изборот, процесот ќе трае најмалку 10тина дена, период во кој СЈО останува без законски овластен обвинител за сите постапки кои ги води.