Македонија
15. August 2022 - 15:15

Нема македонски универзитет во првите илјада рангирани на Шангајската листа 2022

– На најновото рангирање на универзитетите во светот во 2022 година на Шангајската листа, во првите сто се  39 од Соединетите Американски Држави.

Прв на листата е Универзитетот Харвард и, освен два британски – Универзитетот Кембриџ на четврто место и Оксфордскиот на седмо, првите 15 места на листата ги држат американски универзитети.

Кина има девет универзитети рангирани во првите сто, Германија четири, а меѓу стоте најдобри  се и универзитети од Франција, Шведска, Данска, Швајцарија Израел, Јапонија, Австралија, Канада…

Земјите од регионот имаат универзитети рангирани во првите илјада на листата – во рангот универзитети меѓу 301 и 400 место е универзитет во Атина, универзитетите во Белград,  Загреб и Љубљана се од 401 до 500 место, а со ранг меѓу 901 и 1000 место е Универзитетот во Нови Сад.

На листата нема рангиран универзитет од Северна Македонија.