Бизнис
26. April 2018 - 14:05

Нема да се гради карго аеродромот кај Штип, парите ќе се искористат за инфраструктурни објекти

Владата нема да го гради карго аеродромот во Штип, а средствата што би се потрошиле за оваа намена ќе се потрошат за инфраструктурни објекти.

Ова го најави премиерот Зоран Заев денеска на собраниската седница посветена на пратенички прашања.

- Немаме намера да фрламе големи пари кои ќе останат бетон во полето и нема да се користат понатаму и затоа е донесена одлука тие пари да бидат насочени за најпотребни инфраструктурни објекти не само во Штип, туку низ цела Македонија, рече Заев.

Додаде дека од 45 милиони евра за карго аеродромот во Штип, повеќе од 30 милиони ќе одат на изградба на канализации, градинки и училишта, а дополнително од заштеди се обезбедени и 20 милиони за тоа.

Посочи дека врз основа на проектите изработени од локалните самоуправи ќе се одлучи кои проекти ќе се реализираат.

- Од таа причини карго аеродромот во Штип не е на мапата. Градоначалникот има аплицирано со голем број проекти. Штип е важен зошто е центар на источна Македонија. Болницата во Штип се гради во полн ек и паралелено се прави набавка на опрема. Исто така, се работи на брана и систем за прочистување на водата од Злетовица. Целиот источен регион ќе биде трајно обезбеден со вода за пиење, рече Заев и појасни дека завршена екрспропријација и дислокација на далноводот на трасата од автопатот Миладиновци - Штип.

Потенцира дека е важен Штип, како секој регион во Македонија и увери дека ќе се развива достоинствено не со споменици, туку со болници, градинки и инфраструктурни проекти.