Македонија
9. September 2024 - 16:27

Не се знае кога ќе се делат ваучерите за инвертери

Пред стартот на грејната сезона нема информации дали и кога граѓаните ќе ги добијат ваучерите за инвертери. Лицата од ранливите категории за нив аплицираа уште во февруари. Се чека и на листата фирми од каде што ќе можат да се искористат ваучерите, а крајниот рок истекува на 30 ноември. Но, и по 9 месеци не знаат дали ги исполниле условите и кога ќе им бидат исплатени по 23, односно 25 илјади денари. Министерката за енергетика побара трпение.

Работиме на тоа. Само да се има малку трпение. Има законски процедури на кои не можеме да влијаеме. Се чекаат информации од УЈП. Кога ќе завршат сите легални процедури, ќе се доделат ваучерите, вели Божиновска.

За поголема енергетска ефикасност претходната влада, преку министерството за економија распиша оглас, каде вачерите беа најавени дека ќе се доделуваат на принципот прв дојден – прв услужен. Поради големиот интерес, огласот беше затворен за 4 дена. Пари беа обезбедени за 8,000, а се пријавија 18 илјади граѓани. Некои од нив не ги исполнувале условите, однсно не спаѓале во ранливи категории или претходно користеле некоја друга субвенција од државата.

Инаку вредноста на ваучерот за пелагонскиот и југозападниот регион изнесува 25 илјади денари, додека за источниот, скопскиот,  вардарскиот и полошкиот регион по 23 илјади денари. Владата за оваа намена обезбеди  4,1 милион евра.