Бизнис
12. August 2020 - 17:19

НБРМ потврди дека пропаѓа Еуростандард Банка

Народната банка денеска ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка -Скопје, соопшти на прес-конференција гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

– Утре НБ ќе поднесе барање за стечај до надлежниот суд, рече Бежоска.

Што се однесува до депозитите на физички лица гувернерката рече дека, на 99,4 отсто од депонентите ќе им бидат исплатени во законските рокови, според условите на Фондот за осигурување на депозитите во најкус рок.

– Дозволата се одзема заради неисполнување на законските услови, појасни гувернерката.

Таа нагласи дека банкарскиот систем останува стабилен. Еуростандард банка во вкупниот банкарски сектор учествува со 1,3 до 1,7 отсто од вкупните депозити и кредити.

Осигурените депозити на граѓаните изнесуваат 4,4 милијарди денари и набрзо ќе започне исплата на физичките лица, 136.619 депоненти ќе бидат обесштетени.