Свет
27. October 2017 - 8:39

НАТО со забелешки кон Русија поради воените вежби

Членките на НАТО ја „соочија“ Русија со „отстапувањата“ утврдени при неодамнешната воена вежба „Запад“, посебно кога станува збор за бројот на војници кои учествувале во неа, изјави синоќа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по состанокот на Советот НАТО-Русија.

- Бројот на војници кои учествуваа во вежбата, значително го надмина бројот кој беше најавен пред вежбата, истакна Столтенберг, прецизирајќи дека тие забелешки ги пренел на рускиот амбасадор во Алијансата Александар Грушко.

Вежбата „Запад“, која Москва ја изведе минатиот месец заедно со Белорусија на источното крило на НАТО, предизвика загриженост кај Полска и балтичките земји поради својот обем и намерите на Русија.

НАТО, во минатото, во повеќе наврати ја критикуваше Москва поради отсуството на транспарентност во однос на руските воени маневри.