Бизнис
9. January 2017 - 13:03

Намалени трошоците на животот

Трошоците на животот во декември лани се намалиле за 0,1 отсто, а цените на мало останале на исто ниво во однос на претходниот месец. Трошоците на животот и цените на мало, пак, во 2016 година бележат намалување од 0,2 отсто во споредба со претходната година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година намалување на трошоците на живот е забележано во групите: Храна и безалкохолни пијалаци и Здравје за 0,4 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,2 и Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 0,1 отсто. Пораст има во групите: Рекреација и култура за 1,2 отсто, Транспорт за 0,5, Облека и обувки и Останати стоки и услуги за 0,2 и Ресторани и хотели за 0,1 процент. На ниво од претходната година се групите: Домување, вода, електрика, гас и други горива, Комуникации и Образование.

Намалување на цените на мало има кај Земјоделски производи за 0,8 отсто, Услуги за 0,3 и Пијалаци за 0,2 отсто. Пораст е забележан кај Индустриско-непрехранбени производи за 0,3 отсто, групата Индустриски прехранбени производи е на ниво од претходната година.

Трошоците на живот во декември лани во споредба со декември 2015 година забележа намалување од 0,2 отсто, а  кај цените на мало има пораст од 0,1 отсто.

Кај трошоците на животот во декември 2016 година во однос на претходниот месец има намалување од 0,1 отсто што е резултат на пониските цени на овошјето за 5,9 проценти, рибата и морските плодови и млекото за 0,8, другите прехранбени производи за 0,7, алкохолните пијалаци за 0,6, зеленчукот за 0,5, оризот за 0,4 и безалкохолните пијалаци за 0,2 отсто. Намалување е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 6,5 отсто, средствата за чистење и одржување на станот за 0,4, услугите за рекреација и спорт за 0,3 и лековите за 0,2 отсто. Пораст има кај другите пекарски производи за 1,2 процента и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6 проценти, како и кај туристичките пакет-аранжмани за 4,8 проценти, информатичката опрема за 2,7, течните горива за домаќинствата за 2,5, течните горива и мазива за 1,4, гасот за домаќинствата за 0,9, електричните апарати - мали за домаќинствата за 0,4, облеката, услугите и предметите за лична хигиена за 0,3 проценти.