Македонија
27. January 2020 - 19:48

Над 30-тина експерти на јавната расправа за законот за јавно обвинителство

30тина правни експерти, универзитетски професори, адвокати јавни обвинители утре седнуваат на заедничка маса. Собранието ја стартува јавната расправа за Законот за јавно обвинителство, во рамки на комисијата за политички систем

 Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и шефицата на организиран криминал Русковска, првиот човек на советот на јавни обвинители Ацо Колевски, професорите Гордан Калајџиев, Гордана Силјановска, Тања Каракамишева, како и адвокатите Еленко Миланов и Сашко Дуковски се дел од експертската група која ќе го разгледува ова законско решение.

Присуство на јавната расправа најавува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи велат дека тоа е единствениот начин да се направи европски закон, но засега не откриваат дали на законското решение ќе му се спротивстават со амандмани.

Ден пред расправата власта признава дека се уште нема обезбедено 2/3 мнозинство, но се надеваат дека ќе проработи свеста кај пратениците за важноста на ова законско решение.

Јавната распарава во рамки на собраниската комисија за политички систем следи откако во петокот пропадна првиот обид по цели 5 месеци, работните групи на власта и опозицијата да ги доближат ставовите. Напорите за договор се интензивираат со цел Законот за јавно обвинителство да се донесе пред распуштање на овој собраниски состав на 12 февруари.