Балкан
2. October 2022 - 14:10

Над 30 илјади граѓани на Атина трчаа и пешачеа против ракот на дојка

– Под мотото „Заедно посилни од ракот на дојка“ над 30 илјади граѓани, на сите возрасти, организирани или индивидуално, учествуваа на трката на пет километри и маршот на два километри во рамките на овогодинешната „Race for the cure“ во Атина за борбата против ракот на дојка, јави дописичката на МИА од Атина.

 

Семејства со деца, друштва на пријатели, млади и стари, тимови на вработени во различни компании, волонтери, но и „survivors’“, односно жени кои го победиле ракот на дојка, масовно, по пауза од две години поради пандемијата, ги исполнија улиците во Атина и испратија силна порака.

-Зошто учествував денеска? Затоа што сум една од „survivors“, пред десет години имав рак на дојка и сакав да испратам порака дека се излечив. Преживеав!, вели младата Артемис во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Некои трчаа пет километри, други пешачеаа два километри, секој според своите можности, физичката состојба и кондицијата, но сите со иста цел.

-Денешната манифстација беше неочекувано и изненадувачки масовна. Прв пат учествував и мислам дека имаше толку многу народ, затоа што не само за нас за жените, туку за сите, па и за државата, здравјето треба да биде приоритет, вели Марија.

„Трчам за Рена и за сите жени кои јазагубија битката“; „Трчам за сите храбри жени“; „Трчам за мајка ми“, беа само мал дел од пораките закачени на маиците на учесниците.

-Ракот на дојка не се однесува само на жените, бидејќи тие се наши мајки, сопруги, пријателки, сестри. А ние, мораме да ги поддржиме во нивната борба, вели Василис кој заедно со неговата сопруга и децата беше дел од маршот на два километри.

„Race for the cure“ е најголемиот спортски настан во Европа посветен на здравјето на жените, а во Атина се одржува секоја година од 2009 година, во организација на грчкото Здружението на жени со рак на дојка „Алма зоис“ заедно со општина Атина, а под покровителство на Министерството за цивилна заштита.

Освен испраќање силна порака и покревање на свеста за превенција и навремено откривање на ракот на дојка, како што велат организаторите, денешниот настан има не само симболично, туку и практично значење со оглед на тоа дека средствата одат директно за Здружението на жени со рак на дојка „Алма зоис“.

Паралелно со трките и маршот, учесниците има можност преку низа едукативни ракот да се информираат за ракот на дојка.