Македонија
10. May 2017 - 12:56

Над 12 милиони евра Македонија искористила преку Еразмус плус програмата

Во 2016 година преку програмата Еразмус плус за Македонија се одобрени и финансирани 106 проекти  во износ од околу пет милиони евра. Досега по овој основ во земјата се слеани повеќе од 12 милиони евра, беше истакнато на неформалната средба со студенти-алумни на програмата Еразмус, меѓу кои и студенти од странство кои во моментов се на размена во Македонија, која ја организира СЕП во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, како и 30 години од формирањето на Еразмус плус програмата.

Ова, како што истакна вицепремиерот за евроинтеграции Арбер Адеми кој присуствуваше на средбата, доволно зборува за заинтересираноста на домашните субјекти за користење на овие средства, како и за квалитетот на апликациите.

- Целта на денешната дебата на која учествуваат претставници од Делегацијата на ЕУ и од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е што поуспешно да се користи оваа програма и нашите студенти да ги користат придобивките кои се нудат во рамки на Еразмус програмата, рече Адеми.

Претставникот од Делегацијата на ЕУ во Македонија Мауро Ди Вероли истакна дека земјата одлично котира во однос на Еразмус плус програмата, која е многу важна, затоа што, вели, преку неа се пренесува пораката на европската заедница, односно европските вредности и европската интеграција и е добра за луѓето и за подобрата иднина на ЕУ.

- Земјата успешно го разбира механизмот на Еразмус плус програмата затоа што во изминатите 3-4 години повеќе од 200 институции биле вклучени во добивање сретства од оваа програма и повеќе од 2.000 студенти биле вклучени во обуките кои се реализираат преку оваа програма, истакна Ди Вероли.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која ја имплементира програмата Еразмус плус на ЕУ. Дарко Димитров информира дека во РМ во моментов во завршна фаза е евалуацијата, односно распеделбата на средствата од Програмата Еразмус плус на високообразовните институции наменети за студенстка мобилност.

- Оваа година Националната агенција ќе додели 1.600.000 евра во форма на 19 грантови на високообразовни институции, преку кои ќе се финансираат повеќе од 596 едносеместрални студентски мобилности, како и мобилности на наставен и административен кадар на универзитетите, рече Димитров.

Во досегашното постоење Еразмур плус програмата од 1987 година до денес има овозможено повеќе од девет милиони мобилности. Македонија е полноправна членка на програмата Еразмус плус, а нашите студенти ги уживаат истите права и бенефиции коишто ги уживаат и студентите од цела Европа.