Живот
23. October 2017 - 14:45

На продажба „рецептот за среќен живот“ на Алберт Ајнштајн

Две куси белешки кои научникот Алберт Ајнштајн му ги дал на хотелски курир во Јапонија во 1922 година, и кои ја содржат неговата тајна за среќен и успешен живот, утре ќе бидат понудени на аукција.

Ајнштајн ги напишал пораките додека престојувал во хотелот „Империјал“ во Токио. Во еден момент требало да му даде бакшиш на момче вработено во хотелот, но бидејќи немал ситни пари, или поради тоа што момчето одбило да прими бакшиш, генијалниот научник му напишал на лист хартија од хотелот две пораки на германски јазик.

- Кога има волја, ќе се најде начин. Тивок и скромен живот носи повеќе среќа отколку трчање по успехот со постојан немир, гласат двете пораки. Ајнштајн му рекол на момчето дека, можеби, овие две пораки по некое време ќе вредат повеќе отколку вообичаениот бакшиш.

Аукциската куќа „Винер“ од Ерусалим ќе ја отвори аукцијата,и тогаш ќе се види колку навистина има вредност „тајната на Ајнштајн за среќен живот“.