Македонија
22. November 2018 - 12:13

На Груевски за „Траекторија“ ќе му се суди во отсуство

Судечкиот совет со кој претседава судијата Горан Бошевски на денешното рочиште за „Траекторија“ на барање на СЈО донесе одлука на обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија да му се суди во отсуство и да биде издаден налог за притвор.

 
Судијата Бошевски констатира дека обвинетиот Никола Груевски не е достапен на органите на прогон, дека се наоѓа на територијата на Унгарија и оти против него е распишана меѓународна потерница.
 
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска побара со оглед дека обвинетиот Груевски е во бегство, да му се суди во отсуство и денешната главна расправа да продолжи со изведување докази.
 
– Предлагам на обвинетиот Никола Груевски судот да му одреди притвор и соодветно да се издаде потерница за негово пронаоѓање, изјави Стефановска.
 
Бранителот Еленко Миланов наведе дека поради економичност на постапката подобро е таа да биде раздвоена за обвинетиот Никола Груевски.
 
Обвинителката Стефановска, на таквиот предлог се спротивстави и посочи оти судот не треба со раздвојување на постапката да дозволи делото да застари.
 
Денешното рочиште за предметот  „Траекторија“ почна со изведување материјални докази.
 

Во „Траекторија“ обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.