Македонија
30. January 2019 - 14:00

МЗ: Десет лица заболени од пандемски грип, тип А (Х1Н1)

Намален е бројот на лица заболени од сезонски грип, во однос на истиот период минатата година, инфомираа од Министерството за здравство.
 
Имено, минатата недела биле регистрирани вкупно 535 лица со грип, а оваа недела се регистрирани 20 отсто повеќе или 643 новозаболени со грип и заболувања слични на грип.
 
– Во Институтот за јавно здравје се пристигнати 19 примероци за лабораториски испитувања, од кои 12 се позитивни на грип. Станува збор за 10 лица со тип А (Х1Н1), односно пандемски грип и две со А (Х3Н2) грип, соопштија од Министерството за здравство.
 
Нагласија дека вакцината против грип штити од двата типа вируси и таа се уште е достапна во Центрите за јавно здравје во Македонија.
 
– Во споредба со другите години оваа сезона се одликува со побавен старт на грипот, иако очекуваме зголемување на бројот на случаи. Високиот процент на позитивни резултати укажува дека сепак вирусот на грип е присутен и циркулира во земјава. Но, реално нема место за вознемиреност кај населението, истакна д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
 
Препорача, заболените од грип да останат дома и да примат терапија исклучиво по препорака на лекар и самостојно да не земаат антибиотици.
 
Министерството за здравство соопшти дека има доволно количини од лекот „Тамифлу“, со кој се третираат заболените и има доволно капацитети за хоспитализирање на лицата со евентуални компликации од грипот.