Македонија
7. August 2022 - 16:28

МВР за 24 часа откри 125 пијани возачи низ државата

Само изминатата вечер биле санкционирани 125 пијани возачи низ државата во засилените акциски контроли на МВР. Исто така вчера сообраќајната полиција напишала 468 казни за брзо возење. Токму возењето под дејство на алкохол, пречекорување на брзината и непочитување на сообраќајните правила и прописи се главни причини за сообраќајни несреќи. Од скопската брза помош велат дека нема ден екипите да не интервенираат на сообраќајќи, најчесто повиците биле рано наутро или доцна вечерта.

- Човекови фактори кои предизвикуваат сообраќајни незгоди се многу, меѓу кои се алкохолизмот, потоа зголемена брзина на управување на возилото, користење на мобилен телефон, не користење на сигурносен појас. Но, од психичките фактори најмногу се заморот и душевната нерамнотежа. Заморот всушност ја намалува психофизичката способност, да можат да ја контролираат својата способност за возење спрема интензитетот на сообраќајот и метежот кој што е по улиците. Човекот кој е заморен има намалено внимание, има нарушена концентрација и бавна реакција на надворешна опасност, изјави д-р Елена Карева Пиловска од скопската Брза помош.

Од скопската Брза помош велат дека летово се случувало за 24 часа да имат и по 5-6 интервенции за сообраќајки, дел со полесни, но некои биле и со сериозни последици. Доколку има повеќе повредени лекарот во екипата прави тријажа на кого прво да му се укаже помош, а приоритет им се дава на лицата кои имаат животозагрозувачки повреди.

- Има сообраќајки, од гребнатини до трауматски повреди, политрауми до нагмеченици на витални органи и тогаш навистина е загрозен човекот.

Доктор Карева Пиловска од скопската Брза помош вели дека сообраќајните несреќи спаѓаат во прв ред на итност и се интервенира веднаш од страна на екипата која е најблиску до несреќата.