Фудбал
29. September 2015 - 15:54

Мурињо: Никој нема гарантирано место во тимот

Тренерот на Челзи, Жозе Мурињо на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот против Порто од 2.коло во Лигата на шампионите изјави дека во неговиот тим нема играч со гарантирано место во првите единаесет.
 
- За да му биде местото во тимот гарантирано на фудбалер на Челзи, тој мора да биде константен во играта. Може да биде фантастичен играч, но мора да биде константен. Ние имаме фантастични играчи кои ни ја донесоа минатогодишната титула, но во фудбалот важно е  само она што се случува денес, за вчера не се зборува, нагласи Мурињо.
 
Португалскиот стручњак додаде дека е задоволен од тимот што го има на располагање, но потенцира дека играчите мора да покажат поголема ментална сила на секој натпревар.
 
- Во фудбалот мора да се биде постојано добар на теренот и сигурен кога станува збор за емоциите. Не може стално да се победува, но во секој натпревар, мора да се биде ментално силен. Во овој момент, јас немам недопирливи и сигурни играчи во тимот, рече Мурињо алудирајќи на досега стандардните играчи.
 
Изјавата на Мурињо доаѓа по слабиот старт на Челзи во Премиер лигата и 14. место на табелата по седум одиграни рунди.