Македонија
10. December 2018 - 10:24

МТСП: До крајот на годината 60 отсто од децата извадени од институциите

Министерството за труд и социјална политика информира дека на крајот на 2018 година во социјалните установи во земјава ќе бидат сместени за 60 отсто помалку деца одошто во август 2017 година.

-На Меѓународниот ден на човекови права, Министерството за труд и социјална политика известува дека амбициозниот план –  ниту едно дете под 18 години во Македонија да не биде сместено во социјална установа до 2020 година, чекор по чекор станува реалност. На крајот на 2018 година во нашите социјални установи ќе бидат сместени за 60 отсто помалку деца одошто во август 2017 година, се вели во соопштението од МТСП.

Од повторното интензивирање на деинституционализацијата во август 2017 година, вкупно 161 дете претходно сместени во социјалните институции се згрижуваат надвор од установите. Во Специјалниот завод Демир Капија веќе нема ниту едно дете под 18 години, а децата сместени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ се згрижени во пет мали групни домови во Скопје.

До крајот на првото училишно полугодие, сите 30 деца моментално сместени во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“, исто така, засекогаш ќе ја напуштат установата и ќе живеат во мали групни домови во Скопје и во Штип или во згрижувачки семејства во Скопје.

За сите институции е воведен административен мораториум на приемот на нови корисници, со исклучок на Домот за доенчиња и мали деца Битола којшто обезбедува згрижување на новороденчиња.

Министеката Мила Царовска потенцира дека секое дете заслужува семејство и оти затоа се менува начинот на кој државата се грижи за децата кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа.

– Со ова на секое дете му овозможуваме услови за правилен раст и развој, што е основно човеково право, вели министерката за труд и социјална политика Царовска.

МТСП изразува благодарност до УНИЦЕФ, ЕУ и УНДП чија поддршка е од голема помош и значење за процесот на деинституционализација.

-Правото на семејство е едно од најважните човекови права затоа што семејството за детето претставува примарен извор на сигурност, идентитет и припаѓање, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ и додава дека напредокот што е постигнат за да се стави крај на сместување деца во институции за малку повеќе од една година зборува за заложбата на земјата во остварување на своите европски и меѓународни обврски во однос на правата на децата.