Свет
16. October 2016 - 13:57

Москва: Сирија е секуларна држава за која ќе одлучат Сиријците

Сиријците сами треба да одлучат за својата иднина преку инклузија и дијалог, а земјата треба да остане цела и секуларна, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи за вчерашниот договор од Лозана.

Министерството соопшти и дека за успех на руско-американскиот договор за примирје во Сирија неопходно е „одвојување на сириската умерена опозиција од Јабхат Фатах ал-Шам (фронтот ал-Нусра) и од терористичките групи кои се поврзани со нив“, пренесуваат британските медиуми.

„Истовремено, треба да се разбере дека мора да продолжат воените операции против терористите од Исламска држава и фронтот ал-Нусра“, се наведува во соопштението на руското МНР.

Претставниците на САД, Русија и регионалните земји синоќа, по четири часа расправа, ги завршија преговорите за мировно решение за сирискиот конфликт, но не е познато дали е постигнат напредок, пренесоа светските агенции.