Македонија
25. October 2018 - 16:15

Младеновски: Граѓаните многу повеќе да ја користат медијацијата во решавање на споровите

Вистинскиот бенефит до што сакаме да дојдеме е всушност македонското општество да биде помалку конфликтно и граѓаните многу повеќе да ја користат медијацијата во решавање на споровите, истакна претседателот на Комората на медијатори на Македонија Славе Младеновски, на денешното одбележување на Европскиот ден за граѓанска правда.

Тој посочи дека, настанот чија цел е граѓаните на конкретен начин да ја видат медијацијата, е организиран во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи и Институтот за европска политика (ЕПИ).

– Сметам дека тужбата треба да биде последна опција при решавање на каков било спор, што е медијабилен, нагласи Роза Алексова, медијатор и обучувач за медијација.

Таа наведе дека нивната мисија е на различен начин да биде одбележан Европскиот ден за граѓанска правда.

– Наместо да ги поканиме граѓаните во нашето седиште, ние решивме да дојдеме меѓу нив и во непосредни разговори и контакти да им дадеме информации со цел повеќе да дознаат за медијацијата, кои се медијатори во Република Македонија, како и кои спорови можат да ги решаваат во медијација, изјави Алексова.

Медијаторот Илија Манасиев информираше дека денеска граѓаните имаат можност да се информираат за постапката на медијација во близина на споменикот „Мајка Тереза“ каде неколкумина медијатори четири часа ќе им стојат на располаѓање на сите заинтересирани.

– Медијацијата е поевтина постапка, трае многу помалку од судските постапки и е доверлива, за разлика од судските пресуди кои се објавуваат јавно, спогодбите кои се склучуваат во постапката за медијација е нешто што се случува меѓу страните кои имаат спор и медијаторот, објасни Манасиев.

Тој наведе дека во Македонија сега има 31 медијатор, посочувајќи дека тие работат од 2013 година според законот за медијација.