Македонија
31. May 2017 - 17:13

МКФ одбележува „недела на мак-баскет“

 
 
 Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за првпат во историјата ќе биде домаќин на силен меѓународен пријателски турнир во женска конкуренција. Токму со почетокот на овој турнир, МКФ ќе започне со одбележување на „недела на мак-баскет“.
 
Од петок (2. јуни) започнуваат голем број на активности во македонската кошарка (покрај турнирот на сениорки) меѓу кои и четири фајнал-фор турнири во младинските категории како и официјалниот собир на националниот состав до 20 години.  
 
Женската репрезентација на Македонија ќе ги нагости селекциите на Бугарија, Јапонија и на Босна и Херцеговина со кои ќе си ги одмери силите на пријателскиот турнир. Натпреварите ќе бидат одиграни во три дена, почнувајќи на 2. јуни (петок), а завршувајќи в недела, на 4. јуни.
 
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
2 јуни (петок)
18:00 часот Босна и Херцеговина - Јапонија
20:00 часот Македонија - Бугарија
3 јуни (сабота) 
17:00 часот Бугарија – Босна и Херцеговина
19:00 часот Јапонија - Македонија
4 јуни (недела)
18:00 часот Бугарија - Јапонија
20:00 часот Македонија – Босна и Херцеговина
 
Претстојниот викенд ќе се одигра и завршниот турнир од првенството во возрасната категорија на кошаркарки до 18 години. Натпреварите ќе се играат во спортската сала „Шабан Трстена“ во скопската населба Чаир. Екипите на Бадел 1862 и на Пелистер ќе си ги одмерат силите во рамки на првиот полуфинален натпревар кој ќе започне во 11 часот додека второто полуфинале, во кое ќе се пресметаат екипите на Шкупи и на Струга 2009 ќе започне два часа подоцна, во 13 часот.
 
В понеделник и во вторник (5 и 6 јуни) во истата сала ќе бидат одиграни и натпреварите од завршниот турнир од првенството во возрасната категорија на кошаркари до 18 години. Кошаркарскиот клуб Шкупи, кој е еден од учесниците на фајналфор турнирот ќе биде организатор на истиот. За учество на „фајнал-форот“ се изборија и Работнички, Вардар и МЗТ Скопје Аеродром.
 
На 6. јуни, со почеток во 10:00 часот во малата сала на „Кале“ ќе се одржи и првиот официјален собир на националната селекција до 20 години која оваа година во периодот од 14. до 23. јули ќе се натпреварува на Европското првенство (Дивизија Б) во Ораеда, Романија.
 
Наредната среда и четврток (7 и 8 јуни) Феникс 2010 ќе биде организатор на завршниот турнир од возрасната категорија до 14 години. За шампионската титула, покрај организаторот на турнирот, ќе се борат уште и Партизан Водно Санс, МЗТ Скопје Аеродром и Вардар. Натпреварите ќе бидат одиграни во спортската сала „Методија Андонов-Ченто“. Првото полуфинале е на распоредот во 17:30 часот додека второто ќе започне во 20 часот.
 
Неделата на мак-баскетот ќе биде комплетирана со завршниот турнир во возрасната категорија до 16 години во машка и во женска конкуренција. Турнирот во машка конкуренција ќе се одигра на 9 и 10 јуни, додека женскиот на 10 и 11 јуни.
 
Со одигрување на овие натпревари ќе биде заокружена неделата на мак-баскетот која всушност ќе трае нешто повеќе од седум дена.