Македонија
18. October 2021 - 16:05

Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ победи во 21 општина во првиот круг од изборите

ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција соопшти дека во првиот круг на локалните избори кандидатите за градоначалници на партијата победиле во Аеродром, Кисела Вода, Сопиште, Бутел, Гази Баба, Виница, Зрновци, Петровец, Илинден, Штип, Карбинци, Свети Николе, Велес, Градско, Босилово, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Могила, Новаци и Јегуновце.

Потпретседателот на партијата Владо Мисајловски на прес-конференцијата посочи и дека се очекуваат резултатите од скопската општина Ѓорче Петров, каде се надеваат дека исто така нивниот кандидат ќе победи во првиот круг.

Посочи дека дополнително на ова ВМРО-ДПМНЕ има убедлива победа на советничката листа за градот Скопје предводена од професорот Трајко Славески и огромно водство на Данела Арсовска.

-Победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ под реден број 7, споредено со листата на советници на коалицијата предводена од СДСМ е над 50 илјади гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ има освоено најголем број гласови на советнички листи во вкупно 40 општини.  ВМРО-ДПМНЕ има повеќе гласови на советнички листи од СДСМ освоено во вкупно 46 општини, рече Мисајловски.

Според него, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот триумфираше на локалните избори. Победата им припаѓа и на младите и на старите, и на христијаните и на муслиманите, и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Бошњаците, и на Ромите, и на Власите, и на сите останати. И на работниците, и на земјоделците, и на докторите, и на просветните работници, рече Мисајловски.

Промените во Македонија, според него, се неминовни, затоа што, како што рече, Македонија ги победи поделбите, криминалот и безидејноста која ги создава власта на Зоран Заев.

-Тоа не го покажува само бројот на градоначалници кои се освоени во првиот круг и бројот на кандидати кои одат со водство во вториот круг, туку тоа го покажува и бројот на гласови освоени на советничките листи на ниво на државата, изјави Мисајловски.

ВМРО-ДПМНЕ, според партиските информации, води во вториот круг во 12 општини и тоа Македонски Брод, Зелениково, Чешиново Облешево, Кратово, Радовиш, Василево, Ново Село, Битола, Охрид, Кичево и Брвеница.

Мисајловски ги повика сите гласачи да ги поддржат кандидатите на опозициската партија во вториот круг од изборите.

-Ги повикувам сите, сите гласачи кои сакаат нешто да се промени и не поддржуваат, како и сите оние кои не се определија првично за нас, и оние кои што се разочарани од политиката. Ајде заедно да се обединиме време е да ги надминеме разликите да се мобилизираме и да се обединиме. Да покажеме слога во намерите да се направи нешто подобро. Потребни сме и сите заедно на Македонија, со поделби само други користат, рече Мисајловски на прес-конференцијата.