Македонија
17. October 2016 - 10:19

Миноски: Редовна исплата на платите и пензиите со буџетот за 2017

Предлог-буџетот за 2017 година е одговор на потребите и ситуацијата во која се наоѓа македонската економија. Со буџетот се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Тој во интервју за весникот „Дневник“ истакнува дека со Буџетот се гарантира подмирување на потребите на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.

- Една од препораките што ги добивме од Меѓународниот монетарен фонд при последната посета е да се донесе буџет за 2017 година во насока на задржување на стабилноста на економијата. Тој е одговор на потребите и ситуацијата во која се наоѓа македонската економија. Со буџетот се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјалната помош и надмирувањето на другите потреби на граѓаните, како и сервисирање на другите обврски на државата. Наша одговорност кон граѓаните е тие да не ги трпат последиците од политичката криза, нагласува Миноски.