Македонија
11. December 2019 - 18:05

Министрите ја губат можноста сами да одлучуваат за изборот на државни секретари

Поставувањето државни секретари и директори веќе нема да биде екслузивно право на Владата и министрите. Околу 130 јавни институции ќе бидат раководени од кадри кои ќе минуваат комисиски филтер. Според законот кој владата веќе го прати во Собрание, високораководните лица од сега ќе се бираат преку оглас. Пријавените ќе ги оценува комисија, таа ќе ги бодува и до Владата ќе доставува список од тројца кандидати. Владата ќе може да избере еден од нив. Ако една од тројцата е жена, таа ќе биде избрана за да се зголеми бројот на жени на раководни позиции. Министерот Манчевски вели, невозможно е да нема пријавени партиски кадри, но нема гаранција дека токму тие ќе бидат избрани.

Комисијата која ќе ги бира кандидатите ќе биде оставена од пет члена кои најмалку четири години не се на ниту еден начин поврзани со политика, кои имаат најмалку 15 години стаж и интегритет. Членовите на комисијата нема да можат да имаат друг ангажман и ќе добиваат месечен надомест од три просечни плати.

За експерите ваквото решение широко ги отвора вратите за постепена професионализација и департизација на јавниот сектор, како и за зголемување на одговорноста на носителите на јавни функции кон примателите на нивните услуги.

Законот треба да стапи на сила за 9 месеци, односно функционерите после изборите би требало да се бираат според новиот начин. Нема да се применува во судството, јавното обвинителство, институциите од областа на безбедноста, следењето на комуникациите, разузнавањето, одбраната и Армијата, дипломатско – конзуларните претставништва и лолакните самоуправи.