Бизнис
20. November 2019 - 15:30

Министерот Сугарески го презентираше буџетот за ресорното министерство за 2020

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува сериозна реализација на капиталните инвестиции до крајот на годинава.

Според него, резултатите вообичаено драстично се подобруваат во последните месеци од годината бидејќи тогаш се вршат поголем дел од плаќањата.

Министерот Сугарески го презентираше и предлог-буџетот за идната година во рамки на неговиот ресор, вреден речиси 95 милиони евра.

Министерот вели дека буџетот е развоен бидејќи во најголем дел, односно 83% од парите се наменети за капитални проекти, со што ќе се поттикне и активноста во градежниот сектор.

За идната година, споредено со тековнава, во рамки на Министерството за транспорт и врски планирани се повеќе капитални проекти и по број и по вкупна вредност.

Најмногу пари ќе има за железницата од Коридор 8.

Освен тоа, ќе се градат локални патишта, социјални станови, водоводни и канализациони мрежи, брани, се предвидуваат пари и за поддршка на нискобуџетските авиолинии, но и за општините што треба да донесат урбанистички планови.

Мирјана Јовеска