Македонија
26. March 2018 - 17:06

Милевски: Најверојатно бев нападнат поради Законот за јазиците, но тоа нема да ме предомисли

Поддршката за законот за јазиците најверојатно е причината поради која пратеникот од Власта и лидер на ЛДП Горан Милевски вчера попладне бил физички нападнат на плоштадот во Скопје. Милевски вели дека атмосферата која се создала по изгласувањето на законот и неспособноста на граѓаните правилно да ја проценат политичката ситуација доведува до насилни чинови кои како што вели, нема да го поколебаат дека ваквото законско решение сепак треба да биде изгласано.

Веднаш по гласањето за законот за јазиците, неговиот колега од пратеничката група, Ферид Мухиќ рече дека пратениците на СДСМ и коалицијата се договориле да не се движат меѓу граѓаните за да не провоцираат. Милевски очигледно не се држел до договорот, по што вчера се уште непознато лице на плоштадот Македонија во Скопје му удрило неколку тупаници.
Најголем дел од останатите негови колеги, се соочија со протести пред своите домови и со денови живееа под полициско обезбедување, а на пратеничката Славица Шуманска Митева и беше запален и автомобилот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го осуди настанот.

Насилството не е решение и ВМРО-ДПМНЕ осудува секаква примена на сила, вклучувајќи го и вчерашниот инцидент во кој бил нападнат пратеникот, Горан Милевски.

ВМРО-ДПМНЕ бара МВР и надлежните органи во најбрз можен рок да го решат случајот со цел да не се фрла темна дамка врз граѓаните кои го користат своето уставно загарантирано право на протести и мирно и демократски го изразуваат своето негодување за антидржавните политики на СДСМ.“ – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ