Македонија
15. September 2015 - 16:28

Мигрантите, тема на седницата на Регионалниот штаб на ЦУК

Заградување на транзитниот простор со мрежеста ограда, со што ќе им се  излезе во пресрет на мигрантите, и на месното население во Табановце, поставување на управител на кампот, воспоставување контрола од инспекциските служби, воспоставување единствен центар за донации, се само дел од заклучоците кои беа донесени на денешната седница на Регионалниот штаб на Центарот за управување со кризи, кој се одржа во просториите на кумановскиот Црвен Крст.

 
Претставници од подрачни единици од повеќе надлежни институции, АРМ, СВР, Дирекција за заштита и спасување, РЦУК ,МЗШВ, Центар за јавно здравје, Здравствен Дом, Црвен Крст, општините од североистокот разговараа и предлагаа мерки со кои ќе се подобри кусиот престој на мигрантите во транзитниот центар лоциран во непосредна близина на железничката станица Табановце, но и на жителите од ова село.
 
Инспекциските служби од комуналната и од Агенцијата за храна треба да преземат засилени активности за да се контролира каква храна им се донира на мигрантите.
 
Од кумановскиот Црвен Крст побараа да се донира исклучиво пакувана и конзервирана храна. Меѓу заклучоците кои денеска беа донесени е и барање за воспоставување единствен центар каде што ќе се донираат храна, облека, обвуки, хигиена, за да се спречат турканиците.
 
Претседателот на месната заедница Табановце, Сашо Анѓеловиќ предложи автобусите кои ги транспортираат мигрантите да поминуваат по друга рута од сегашната, бидејќи, како што посочи, нема услови за сегашниот интензитет на сообраќај во селото. Тој побара почесто изнесување на сметот од контејнерите, но и почесто чистење на просторот.
 
Од Центарот за јавно здравје укажаа дека будно се следи состојбата на терен и оти се спроведува дезинфекција на возовите.
 
На денешниот состанок присуствуваше и преставник од Хабитат кој посочи дека се разгледува опцијата за поставување нови објекти за мигрантите кои ќе бидат наменти за ранливите категории, бремени жени, деца, изнемоштени.