Македонија
19. February 2022 - 13:26

Мицкоски: Владата да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за покачување на пензиите и платите

Владата глуми преговори со некои здруженија, новоформирани организации и симулира социјален и економски дијалог, во исто време кога во Собранието директно ги одбива предлозите за покачување на пензиите на пензионерите, платите на наставниците и останатите вработени во јавниот сектор, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на  регионалниот отчет „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“ на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ од пелагонсикиот регион, Битола, Прилеп, Новаци, Могила и Ресен.

Тој информира дека во Собранието се расправа за измени на законот за наставници, закон кој, како што истакна, не предивува зголемување на платите, туку давање можност за нова партизација.

-Во исто време, кога пред некој ден го одбија предлогот на ВМРО–ДПМНЕ за усогласување на платите и нивниот раст, правеа обид за повторна партизација на образованието, истакна Мицкоски.

Тој ја повика Владата да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите и платите.

– ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе го пофали таквиот чекор и ќе се откажеме од сите наши заслуги, ние не сме важни, ниту јас, ниту пратеничката група, ниту од крајот на денот ВМРО-ДПМНЕ бидејќи народот е важен. Ова наше барање не е поради популизам туку поради вистинската грижа за народот, само да им се помогне на граѓаните, рече Мицкоски кој во обраќањето се осврна и високите цени на производите, повисоките сметки за струја, инфлацијата…

Мицкоски обвини и дека поради негрижата на Владата, можно е и покачување на цената на водата.