Бизнис
22. September 2020 - 12:24

МФ: Ќе има повеќе даночни поволности и финансиска поддршка за бизнис-секторот

Во следниот четиригодишен период ќе се обезбедат повеќе даночни поволности и финансиска поддршка за компаниите, пишува во објава на фејсбук-профилот на Министерството за финансии. Најавени се повластени даночни стапки на ДДВ за повеќе сектори, зголемување на прагот за ДДВ обврзник, ослободување од данокот на добивка при реинвестирање, како и повисока финансиска поддршка за компаниите во следните четири години.

-Нашата задача е што побргу да се вратиме на  патот којшто ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање нови работни места и намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално, европска иднина тука, за нашите граѓани, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во објавата.

Како што посочуваат од Министерството, за да се постигне ова, неопходна е силна поддршка на приватниот сектор, кој треба да се опорави од кризата и да биде носител на растот.

Предвидени се повеќе политики и мерки како 300 милиони евра финсиска поддршка за домашни и странски инвестиции, како и секоја година за 25 проценти повисока финансиска поддршка за компаниите.

Најавени се и повеќе даночни поволности за различни сектори, како намалување на персоналниот данок за доход за ИТ индустријата до 0 проценти во 2023, единствена стапка од 10 проценти ДДВ за сите ресторански услуги, ревидирање на стапките на ДДВ за суровините за домашните производители, намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители, намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании и намалување на стапката на ДДВ од 18 проценти на 5 проценти за занаетчиски услуги. Исто така, предвидено е подигнување на прагот за ДДВ-обврзник од 2 на 3 милиони денари годишен промет од 2022 година.

Во објавата се наведува дека данокот на личен доход останува 10 проценти, но преку инклузивен процес на разговори се превидува да се воведе прогресија. Кај данокот на добивка од следната година се превидува ослободување при реинвестирање.

Најавено е и намалување на парафискалните давачки до 75 проценти во следните четири години.

-Целта е на долг рок е да се стремиме кон создавање побрз, поинклузивен и оддржлив економски раст, што ќе се базира на зајакнување на човечкиот капитал, иновации, зголемување на конкурентноста на економијата и подобрување на животниот стандрад на граѓаните во дигитализирана економија и пријателска во однос на животната средина, потенцира Бесими