Бизнис
4. July 2016 - 16:44

Мелничарите даваат 8 денари за пченицата, земјоделците бараат најмалку 9

Мелничарите остануваат на одлуката дека ќе дадат максимум осум денари за килограм пченица, додека производителите бараат најмалку девет денари. Ова  е засега исходот од денешниот заеднички состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кој трае веќе неколку часа и се уште не е завршен.

- Мора да  откупуваме пазарно. Ако дадеме поголема цена, само ќе создадеме проблеми, изјави претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ.

Според него, со предвидените дополнителни субвенции од два денара за килограм пченица што ќе ги обезбеди државата, задоволни ќе бидат и производителите.

Земјоделците, пак,  се пожалија дека никогаш досега не била понудена толку ниска цена. За нив се неприфатливи осум денари за килограм  зашто, велат, со нив не можат да ги покријат ниту основните производни трошоци. 

- Нема да прифатиме цена пониска од девет денари. Имаме информации дека во Србија пченицата се откупува за 8,5 денари. За да ја увезат, нашите мелничари оваа сума треба веднаш да ја платат, а кај нас плаќањето е во период од 90 дена. Значи дека им е поисплатливо да купат домашно жито, од нашите производители, за што ќе им дојде цената иста, истакна претседателот на Федерацијата на фармери, Никола Стаменов.

Оценка на мелничарите е дека и годинава веројатно ќе има потреба од увоз на пченица со оглед дека променливите временски услови, негативно се одразуваат врз родот.