Македонија
14. September 2017 - 16:48

Меѓународна конференција „Владеење на правото - Каде се движиме?”

Во организација на Центарот за економски анализи (ЦЕА) од Скопје, а во соработка со Центарот за европски студии за политики (Center for European Policy Studies - CEPS) од Брисел, денеска и утре во Скопје се одржува меѓународна конференција на тема „Владеење на правото - Каде се движиме?”.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на конференцијата рече дека владеењето на правото е клучен предуслов доколку сакаме да имаме добра економија, економски раст и развој.

Говрејќи за насоките од аспект на подобрувањето на економијата и можностите за инвестиции, посочи дека прво треба да се има предвидливост кога се носат законите.

- Претходното искуство говори дека многу честото брзото и непредвидливо носење на законите им создаваше проблеми на учесниците во економијата. Тоа, новата Влада веднаш на почетокот настојува да го промени кога се носат важни измени на закони, рече Тевдовски, посочувајќи го случајот со Законот за минимална плата за што беа организирани дебати и со синдикатите и со работодавачите.

Законите, како што истакна, мора да важат за сите подеднакво, независно од политичка партија, богатството или врските со некои кругови или поединци.

- За инвеститорите најважна е стабилноста, односно да знаат дека правилата на игра важат за сите. Ако сакаме да имаме кредибилни инвеститори мора да имаме правила кои ќе важат за сите подеднакво, рече тој.

Во контекст на тоа додаде дека многу е важно домашното законодавство да се прилагоди на европското, доколку сакаме да имаме повеќе инвеститори од земјите од ЕУ.  

Претседателот на ЦЕА Марјан Николов рече дека изминатите 15 години Центарот за економски анализи заедно со CEPS од Брисел дошле до заклучок дека економијата не може да се издвои од правото.

- Правото може да ја има силата само тогаш кога сите ќе бидат еднакви пред законот. Во спротивно, се случува доволно да биде само да станеме посилни и како такви да се избориме силата да биде правото. Во такви случаи се појавуваат девијации какви што имаше во Република Македонија, рече Николов.

Според него, да се зборува само за економија, за раст на БДП и за економски развој не е доволно ако не се вклучат во интелектуалната анализа и институциите.

- Ако ние сметаме дека владеењето на правото треба да биде на ниво на сила, тогаш секој ќе сака да има претставник во Владата. Ако бизнис заедницата сака да има претставник во Владата на РМ тогаш се поставува прашањето кого го претставува Владата ако од бизнисот таму има претставник. Се поставува и прашањето дали нема да биде „вулгарно“ секоја група и клиент во РМ да почне да бара да има свој претставник во Владата, бидејќи едноставно е изгубен кредибилитетот на таа влада, рече Николов.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ посочи дека во сите години на претходната влада се соочувале со препреки во постапување по нивните претставки на граѓаните.

Говорејќи за отсуството на транспарентност, рече дека и граѓаните и граѓанскиот сектор биле маргинализирани кога станува збор за било каков начин на соработка.

- Отвореноста на институциите мора да се случи. Заробените институции мора да се ослобидат и да им се врати повторно улогата која што ја имаат, да бидат сервис на граѓаните. Таа нивна улога се испреврте со тоа што тие се однесуваа како граѓаните да постојат за нив, а не обратно, истакна Пировска.

Во однос на владеењето на правото, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска рече дека многу не се движиме. - Она што е важно е да се каже дека не одиме и наназад и оти идеите се да се движиме напред, додаде таа.

На конференцијата учествуваат претставниците на релевантните интернационални институции, амбасади, научната заедница, тинк-тенк организациите, граѓанскиот сектор, како и оние кои ги креираат политиките.

На новинарско прашање во врска со законот за јазиците Пировска рече дека не е против да има ваков закон. Но во тој законот, како што додаде, треба да се случат многу корекции и за него мора да има широка јавна дебата и да се слушнат сите различни мислења.

- Ако се донесе таков закон врз негова основа ќе треба да ја градиме понатамошната кохабитација со другите етнички заедници. Притоа мора да бидат земени предвид духот и основите на Охридскиот рамковен договор. Ние немаме само една етничка заедница која не е мнозинство, имаме повеќе етнички заедници кои не се мнозинство и треба сите да бидат споменати и да се најде некакво решение за тоа да може да се имплементира во пракса, додаде таа.