Свет
5. April 2022 - 8:18

Медведев: Москва пропорционално ќе одговори на протерувањето руски дипломати

Русија ќе одговори пропорционално на протерувањето на нејзините дипломати од голем број западни земји, изјави во вторник поранешниот руски претседател и потпретседател на Советот за безбедност Дмитриј Медведев, пренесе Ројтерс.

„Сите го знаат одговорот: тоа ќе биде симетрично и деструктивно за билатералните односи. Кого казнија? Пред се себе!“, напиша Медведев на неговиот „Телеграм“ профил.

Франција во понеделникот објави дека ќе протера 35 руски дипломати поради војната во Украина, а Германија наведува „значителен број“ руски дипломати кои се прогласени за непожелни.

„Ако вака продолжи, ќе биде соодветно, како што напишав на 26 февруари – да се удираат вратите на западните амбасади. Ќе биде поевтино за сите. И тогаш, на крајот, само ќе се гледаме, на никаков друг начин, освен низ нишани“, рече Медведев.