Македонија
18. September 2018 - 10:02

Маж паднал во дупка во Марена, завршил на Клиниката за трауматологија во Скопје

Средовечен кавадарчанец синоќа околу 22 часот паднал во дупка во кавадаречкото село Марена, а поради тешка скршеница утринава бил препратен на оперативно лекување во Скопје.

Ова за МИА го потврди хирургот Дано Кулев од Општата болница Кавадарци. 

- Се работи за тешка скршеница на лева натколеница со изместување. Пациентот беше видно вознемирен. Тој доби соодветен медицински третман во болницата. Му направивме рентген и лабораториски испитувања. Беше стабилизиран, имобилизиран и со инфузиона терапија. Утринава го препративме на операција во Клиниката за трауматологија во Скопје, појасни Кулев. 

По паѓањето на кавадарчанецот во поголемата дупка, на местото биле повикани противпожарната и итната медицинска помош, кои помогнале да биде изваден повредениот човек.