Свет
29. јуни 2016 - 10:58

Мануел Валс: Европа ќе се распадне ако не ја градиме со народите

Британскиот референдум за Брегзит покажа дека „мора да се дупне чирот“ на една Европа, која нејзините граѓани ја чувствуваат како „казна“, изјави францускиот премиер премиерот Мануел Валс, давајќи детали за тоа како да се „направи нов голем исчекор“.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, во говорот од речиси половина час пред Националното собрание, шефот на француската Влада рече дека изборот на Британците да излезат од ЕУ ја покажала „нелагодноста на народите“, кои, според него, се сомневаат во Европа. - Тие имаат чувство дека таа ги наметнува своите избори и систематски игра против нивните интереси, рече тој.-

- Европа ќе се гради со народите. Во спротивно, таа ќе се распадне, рече Валс, одбивајќи да прифати дека европскиот проект „ќе се преврти и ќе потоне, повлечен од страна на растечката тежина на популизмот“.

Апелирајќи на потребата  од „шок“, тој побара од неговиот британски колега Дејвид Камерон да ја активира „што е можно побрзо“ клаузулата за излегување од ЕУ. - Не е британската Конзервативна партија, таа која треба да ја наметне својата агенда, нагласи Валс, пропратен со аплауз од пратениците.

Осврнувајќи се на како што рече „новиот голем европски исчекор“, тој потсети на демократскиот дефицит од кој Европа досега страдаше.

- Мислевме дека може да се зголеми и да се прошири со принуден марш, дека „не“ (на уставот на Европската унија на референдумот во Франција и Холандија) ќе се заборави, благодарение на повеќе Европа, дека референдумот може да биде заобиколен, дека растечкото отфрлање на Европа може да се лекува со педагогија, рече Валс, кој првично во 2005 повика да се гласа против европскиот устав.

- Ние ги избегнавме вистинските дебати и отворивме вистински булевар за популизмот, нагласи тој.

На оние од десницата, кои повикуваат на референдум за Европа,Валс им порача „да не глумат приучени волшебници". - Референдумот не може да биде начин за да се ослободиме од проблемот, оцени тој.

Премиерот се заложи за иницијатива од страна на Франција, со која безбедносните прашања ќе се стават во срцето на Европа. Според тоа, тој повика „вистински да се контролираат границите“, но „да не се излегува од Шенген“ и да се организира заедничка одбрана „достојна на тоа што значи одбрана“.

Во врска со економијата, Валс рече дека Европа не може да биде „тројански коњ на глобализацијата“, повторувајќи го неговото отфрлање на трансатлантскиот договор за слободна трговија со САД, така како што е предвиден во сегашната верзија, залагајќи се за нова „фискална и социјална хармонизација во ЕУ“.

Тој, исто така, застана во одбрана на „ефикасната Европа“, која треба да биде во офанзива таму, каде што е корисно и да може да се повлече „кога надлежностите треба да останат на национално или регионално ниво“.

Залагајќи се за идејата на Жак Делор за „Европа на држави“, Валс предложи можност за интеграција со различни брзини. - Ако ние треба да направиме нешто со неколкумина, она што не можеме да го направиме со 27-мина, тогаш да го направиме тоа, рече Валс.

Тој повторно го бранеше „демократското владеење“ на единствената еврозона, изјаснувајќи се против „една Европа која робува на ултралибералните тези и фискалната дисциплина“, мислејќи на правилото дека јавниот дефицит не може да надмине три отсто од БДП на земјата, за што таа ризикува санкции.