Македонија
7. December 2022 - 13:22

Македонско-бугарски бизнис форум: Финансии за пругата има, да се усогласат процедурите меѓу сите институции

– Оправданоста на железничкото поврзување на Скопје и Софија и изградбата на железницата на Коридорот 8 е неспорна, граѓаните и бизнисите имаат потреба од овој проект. Има финансии за реализација, интензивирана е соработката на железничките инфраструктурни претпријатија од двете страни. За да се запазат поставените рокови потребно е усогласување на процедурите меѓу сите институции и на национално ниво.

Такви укажувања беа упатени денеска на Македонско-бугарскиот бизнис форум во Скопје, на панелот посветен на соработката во инфраструктурните и енергетиката, на кој беа претставени активностите за пругата  кон Бугарија.  На проектот почнат пред 28 години, од македонска страна пред еден месец повторно стартуваа градежните работи на првите две делници, а за третата се подготвува тендерската документација. Заложбите и на македонската и бугарската страна се да ги завршат планираните работи во својот дел до крајот на 2027 година, а железничкиот дел од Коридорот 8 кон Албанија да се заврши до крајот на декадава.

Според Пламен Пешаров, менаџер во одделот за мониторинг во Националните железници на Бугарија, во минатото немало доволно финансии за овој Коридор, но сега има реални можности за користење грантови.

-Тука се осврнуваме за еден коридор за кој се зборувало дека немало капацитет. Не, едноставно немало доволни пари реално да почне да се гради. Што и да ви кажуваат секогаш станува збор за пари. Можноста за користење средства од грантовите е многу реална. Нашата земја помина низ таков период. За изградбата на една модерна железница се потребни многу пари, рече Пешаров, посочувајќи ги позитивните резултати од изградбата на пругата од Гевгелија кон Ниш и приходите од композиците на „Коско“ преку оваа најбзра линија од Средоземното море до Европа.

Тој порача дека секоја активност треба да е ефективна, оптимална и одржлива. Неговото искуство покажало дека покрај решената експропијација на земјиштето  на терен има многу други работи кои можат да ја забават реализацијата. Ги советува раководствата на инфраструктурните претпријатија да се обидат заедно со другите организации, министерства и агенции, да ги поедностават правилата за реализација на проектите.

-Има многу губење  време, не зборувам за проектирање и изградбата, туку за усогласување со други министерства, општини, водоводни претпоријатија. Тоа е процес кој прави држави во државата. Тоа не треба да се дозволи кога ќе почне реализација на  еден проект, рече Пешаров.

Ја истакна и важноста на средствата за одржување на делниците кои потенцираше дека не ги дава ЕУ, туку треба да си ги обезбеди државата. Шегувајќи се најави и дека ќе заколе прасе и ќе го покани директорот на ЈП Железници Инфраструктира на РСМ Хари Локвенец кога ќе се изгради железницата.

-Господине Локвенец имате покана ако после десет години има железница ќе заколам едно прасе. Обичните луѓе навистина имаат потреба од овие работи и затоа треба да се насочиме во овој правец, рече Пешаров.

Локвенец, пак, изрази задоволство од соработката со Бугарските железници, со кои одржуваат месечни координитивни состаноци за технички и за стратешки прашања.

Во контекст на оправданоста ја спомена иницијативата за заедничка изградба на мултимодален терминал на вкрстувањето на Коридорите 8 и 10.

Пред бугарските стопанственици соопшти дека се подготвува тендерската документација за третата фаза од железницата, од Крива Паланка до границата кон Бугарија, која ќе биде во должина од  24 километри со 24 тунели и 51 мост.  Ги повика да се вклучат во активностите за изведбата согласно европските процедури и протоколи.

Повтори дека е убеден оти по 28 години по првиот старт на изградбата на пругата таа ќе биде завршена поради обезбедените финансии, завршената експропријација и археолошки истражувања долж трасата, избраните компании за првата и втората делница.

На западното крило на железницата кон Албанија, како што рече Локвенец, приоритет е изградата на предвидените 63 километри кон Албанија. Вистинскиот квалитет ќе го добиеме по македонската поврзаност и излезност на три мориња. Сега го имаме само Егејското, за брзо време ќе го имаме и Црното, меѓутоа важно ние да излеземе и на Јадранското односно на Средоземното море. На ваков начин ќе ја реализираме нашата цел.

-Целосно сме  усогласени со нашите бугарски колеги поврзани со источното крило зошто и нивните планови се завршување на нивниот дел од работата, а и ние на нашиот, вклучувајќи го и третиот дел од Крива паланка до грамицата со Бугарија, до крајот на 2027 година. Нашата цел е поврзувањето со Албанија да го завршиме до крајот на оваа декеда, рече Локвенец.

Од вкупно 300 километри од железничкиот Коридор 8 низ нашата држава, се изградени половина, во фаза на градба се две третини од пругата која треба да се гради, целосно треба да се изгради уште третина.

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри.  „

На крајот на октомври, по две години пауза, на терен повторно има градежни работи на првата и втората делница. Германски „Штрабаг“ е ангажиран за делот од Куманово до Бељаковце во вредност од 40,5 милиони евра, а „Ѓулермак“, со 155 милиони евра треба да ја изгради  делница од Бељаковце до Крива Паланка.