Спорт плус
14. February 2017 - 19:44

Македонските каратисти подготвени за Европското првенство во Софија

 Пред настапот на претстојното Европското првенство во карате за кадети, јуниори и за јуниори до 21 година, македонската репрезентација денеска беше на прием во Агенцијата за млади и спорт (АМС). Директорот Марјан Спасески на нашите каратисти им посака успех и што повеќе освоени медали.

- Карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава, а за тоа говорат и резултатите. Тоа е последица на добро организирана федерација, функционални клубови кои регрутираат млади и талентирани спортисти, одлични тренери и селектори, а верувам дека дополнителен фактор за квалитет е и самиот факт што каратето беше прогласено за Олимписки спорт и ќе се најде на програмата за ЛОИ во Токио 2020 година. Тоа подразбира дека конкуренцијата во иднина ќе биде се посилна, а најголемиот тест за нашите репрезентативци ќе бидат овие големи натпреварувања. Јас сум оптимист и поведувајќи се од искуството дека нашите каратисти во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од големите натпреварувања, верувам и сега ќе го покажат својот квалитет и ќе го продолжат трендот на успеси на големите турнири, рече Спасески.

Агенцијата за млади и спорт да дава континуирана поддршка на Македонската карате федерација. Имено, за овој настап на ЕП во Софија од страна на АМС се издвоени 300.000 денари, а за меѓународната програма и за стручната работа на Карате федерацијата, АМС досега само по првиот оглас од средствата од Игрите на среќа и редовните буџетски средства има издвоено вкупно 2.3 милиони денари, додаде првиот човек на АМС.

Евро-шампионатот во бугарската престолнина ќе се одржи од од петок до недела. Боите на Македонија ќе ги бранат 35 натпреварувачи, од кои 25 каратисти во борби и 10 во кати.

Селекторот Александар Кузмановски верува во квалитетите на неговите избраници и очекува дека со поддршката која ја каратистите ја добиваат од федерацијата и од АМС може да се стигне до највисокото место на победничкиот подиум.

- Со поддршката што ја добиваме од Агенцијата за млади и спорт, од федерацијата и од Олимпискиот комитет секогаш се враќаме со медали од големите натпреварување. Верувам дека така ќе биде и овој пат. Имам адути и не би не изненадило доколку освоиме три медали како на минатиот шампионат, но секогаш сме оптимисти и очекуваме и многу повеќе. Овие репрезентативци се темелот и иднината на македонското карате, изјави Кузмановски.