Македонија
9. February 2017 - 17:00

Македонски фирми на саемот „Фруит логистика“ во Берлин

Македонски компании и годинава се дел од еден од најголемите светски саеми за овошје и зеленчук  и за техничка логистика за производство, пакување и дистрибуција на производи од овошје и зеленчук, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, 12 македонски компании за производство на овошје и производи од овошје и зеленчук се меѓу 2.884 изложувачи чии штандови на Берлинскиот саем ќе ги посетат над 70 илјади посетители и претставници на компании од овој сектор.

Учеството на саемот во Берлин за македонските компании е можност да најдат нови партнери за пласман на македонските прозиводи, како и за да ги следат новините кои значително можат да ги намалат цените на производство, пакување, складирање, дистрибуција како и да ја доближат Македонија кон  европските еколошки стандарди.

Саемот трае од 8 до 10 февруари и собира компании од над 100 држави коишто ги претставуваат последните иновации, производи и услуги во меѓународниот систем за трговија со овошје и зеленчук.